Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција работи на предмет во врска со снимање на играна серија​

Скопје, 15 Ноември 2017

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по известување од Управата за финансиска полиција, отвори предистражна постапка во врска со договорот помеѓу Агенцијата за филм и продукциска куќа ангажирана за снимање на играна серија. Надлежниот јавен обвинител ги презема сите неопходни дејствија за утврдување на фактите.

Издадени се повеќе насоки и наредби за прибирање на материјални докази поврзани со севкупната постапка за снимање на играната серија. Во оваа фаза од постапувањето веќе е доставен дел од бараните докази, а побарано е и нивно дополнување.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ​за текот на постапката навремено ќе ја информира јавноста.

36 total views, 1 views today

Се врши увид на местото каде попладнево беше застрелано едно лице

Скопје, 03 Ноември 2017

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје го раководи увидот на лице место во скопската населба Аеродром,  каде попладнево беше застрелано едно лице. Дежурниот јавен обвинител издаде повеќе насоки и наредби за преземање на потребни дејствија, меѓу кои за прибавување на податоци, обезбедување на траги од лице место и за обдукција на починатото лице.

Во соработка со Министерството за внатрешни работи, јавното обвинителство интензивно постапува во насока на расветлување на кривично правниот настан и откривање на сторителот на кривичното дело.

 

 

40 total views, no views today

Поднесено е обвинение за обидот за убиство на Зијадин Села

Скопје, 03 Ноември 2017

По завршување на сеопфатната истражна постапка и прибирање на сите докази во предметот, Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Обвинителен акт против  десет лица за сторено кривично дело Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Обвинетите сите заедно, како и со други лица за кои до овој момент не е утврден идентитетот , се обиделе да го лишат од живот  оштетениот Зијадин Села. Дел од обвинетите користеле тврди предмети кои ги фрлале кон оштетениот и притоа му нанеле животно загрозувачки повреди. Останатите пак, со употреба на удари, клоци и тупаници го извршиле кривичното дело за кое се товарат.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со Обвинителниот акт поднесе и предлог за продолжување на мерката Притвор за деветмина од обвинетите, а за еден од нив предлог за продолжување на мерката Куќен притвор. Обвинителството цени дека постојат законските основи за продолжување на побараната мерка за обезбедување бидејќи постојат основи за можно бегство на обвинетите, за влијание врз сведоци , како и за довршување на кривичното дело за кое се обвинети.

33 total views, no views today

Наредена истрага против девет лица

Скопје, 01 Ноември 2017

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против девет лица и тоа:

-  за едно лице за сторени две кривични дела – Несовесно работење во службата од чл.353в ст.3 во врска со ст.1 и од чл. 353в ст.2 од Кривичниот законик

- за две лица за сторено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 ст.3 од Кривичниот законик

- за едно лице за сторени две кривични дела Злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 ст.3 и од чл.353. ст.2 од Кривичниот законик

- за едно лице за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353. ст.2 од Кривичниот законик

- за едно лице за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353. ст.2  во врска со чл.23 од Кривичниот законик

- за три лица за сторено Кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353. ст.3 во врска со ст.1 и во врска со чл.23 од Кривичниот законик

Лицата се осомничени дека во 2014 година постапиле незаконски при одлучувањето во постапки за поднесени барања за утврдување на правен статус на бесправни објекти, со што нанеле штета во висина од 4.100.090 денари.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе и Предлог за определување мерки за обезбедување за шестмина од осомничените. Како мерки за обезбедување се предложени: забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавуваат во суд и одземање на патна исправа.

62 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје презема дејствија за расветлување на незаконска приватизација на земјиште

Скопје, 01 Ноември 2017

Поради постоење на основи на сомнение, Основното јавно обвинителство Скопје презема дејствија против повеќе инволвирани лица кои овозможиле незаконско приватизирање на земјиште во сопственост на една општина.

На приватизацијата претходела постапка за утврдување на статусот на незаконито изградени три објекти, која била реализирана спротивно на закон. Како резултат на оваа постапка извршена е легализација на објектите и приватизација на земјиштето.

Со тоа е овозможено земјиштето да биде откупено по цена од 1 евро/м2, додека пазарната цена на лицитација по редовна постапка би била значително повисока.

За повеќе детали во врска со текот на постапката, Основното јавно обвинителство Скопје навремено ќе ја информира јавноста.

61 total views, no views today

СООПШТЕНИЕ

Скопје, 25 Октомври 2017

Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности при Јавното обвинителство на Република Македонија продолжува и во овој период во континуитет да ги следи случувањата во врска со изборите и гласањето, се до заокружување на изборниот процес.

Заложба на Комисијата е преку координација на надлежните основни јавни обвинителства да овозможи приоритетно постапување по сите кривично правни настани каде има индиции дека се сторени кривични дела поврзани со изборите и гласањето. Воедно, цел на Комисијата е и превентивно да делува кон јавноста и да спречи евентуални кривични дела поврзани со изборниот процес.

Во таа насока, упатуваме повик до граѓаните, граѓанските организации, лидерите и членовите на политичките партии да се воздржат од преземање дејствија со кои стануваат сторители на кривични дела. Следствено на досега утврденото, Комисијата особено сака да потенцира дел од кривичните дела опфатени во Глава 16 од Кривичниот законик.

Во текот на овој изборен процес, поголемиот дел од кривичните дела за кои се преземени дејствија се однесуваат на кривичното дело Поткуп при избори и гласање, предвидено во член 162 од Кривичниот законик. Појаснуваме на јавноста дека за лицето кое на друго лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок или друга корист, со намера да го придобие да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право е предвидена казна затвор од најмалку пет години.  Оваа затворска казна следи и за лице со избирачко право кое за да гласа, да не гласа или пак за начинот како ќе гласа, ќе бара или ќе прими за себе подарок или друга корист. Укажуваме дека дури и кога користа е од помала вредност, сторителот согласно законот ќе се казни со парична казна или со казна затвор до една година.

Со казна затвор од најмалку три години е санкционирано вршењето на кривичното дело Повреда на тајноста на гласањето од член 163 од Кривичниот законик, согласно кое се гони лицето кое при избори или при гласање ќе ја повреди тајноста. Доколку делото е сторено од страна на член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, предвидената казна затвор е најмалку 5 години. Ова се однесува и на лице кое со употреба на сила, сериозна закана, искористување на службената, работната или економската зависност и на друг начин, ќе издејствува од друг да каже дали и како гласал.

Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности, во врска со информации изнесени во јавноста во изминатиов период, чувствува потреба да укаже и на кривичното дело Неовластеното прислушување и тонско снимање од член 151 од  Кривичниот законик иако не е дел од Глава шеснаесет од Кривичниот законик. Појаснуваме на граѓаните , членовите на граѓанските организации, политичките партии дека вршењето на ова кривично дело се казнува со казна затвор од една до пет години и тоа за лице кое со употреба на посебни уреди неовластено прислушкува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, лице кое ќе овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана, како и лице кое ќе сними изјава која му е наменета, без знаење на оној кој ја дава, со намера да ја злоупотреби или да ја пренесе врз трети лица или тој што таквата изјава непосредно ја пренесува врз трети лица.

Комисијата за следење на изборни нерегуларности продолжува да ја координира работата на јавните обвинителства во врска со откривање и гонење на сторители на кривични дела поврзани со изборите, за што во континуитет јавноста ќе биде известувана.

42 total views, 1 views today

Четворица обвинети за грабежот во „Тутунска банка” признаа вина пред судот

Скопје, 19 Октомври 2017

На денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 Скопје во врска со грабежот во Тутунска банка, четворицата обвинети опфатени со Обвинителен акт признаа вина за кривичните дела што им се ставаа на товар.

Имено, тие се изјаснија за виновни дека со умисла и во повеќе временски поврзани дејствија, искористувајќи ја својата работна позиција и познавање на процесите на работата во банката, противправно присвоиле парични средства во значителен износ од 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра. На 10.04 2017 извршиле кражба и на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра. Иако ги признале во целост наводите од Обвинителниот акт, обвинетите не откриле што сториле со украдените парични средства.

Согласно Обвинителниот акт, првообвинетиот се гонеше за сторени кривични дела – Затајување од член 239 став 5 во врска со став 3 и 1 и во врска со член 45, што значи дека делото е сторено повеќе пати во низа како повеќекратно остварување на истото дело, како и за сторено кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 3 од Кривичниот законик. Второто лице се товареше за истите кривични дела – Затајување и Тешка кражба, но во врска со член 24 од Кривичниот законик, односно за помагање. Третиот обвинет со Обвинителниот акт се товари за кривичното дело – Тешка кражба со помагање, додека пак четвртото лице е обвинето за кривичното дело – Затајување во врска со член 22 од Кривичниот законик, односно за соизвршителство.

Откако обвинетите ја признаа вината, судијата закажа рочиште на 27.10.2017 година, на кое ќе бидат изнесени завршните зборови во предметот против нив. За кривичното дело – Тешка кражба од член 236 став 3, што се однесува на предмети во вредност од големи размери, пропишана е затворска казна од 3 до 10 години. За кривичното дело од член 239 став 5 – Затајување, законикот пропишува затворска казна од една до 10 години.

Надлежниот обвинител кој постапува во предметот до судот достави и Обвинителен предлог против други четири лица, на кои како одговорни лица во банката врз основа на општ акт, со посебно овластување им биле доверени определен круг на работи, но тие несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа го овозможиле противправното присвојување на паричните средства во горенаведениот износ. Две лица се товарат дека сториле кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353 став 5 во врска со член 45 од Кривичниот законик, што предвидува вршење кривично дело од продолжен вид, додека другите двајца се товарат за истото кривично дело – Несовесно работење во службата, но за негово еднократно сторување.

Постапката против овие четири лица продолжува одвоено. ​

57 total views, 1 views today

Определен притвор за осомничените за нападот врз Зијадин Села

Скопје, 18 Октомври 2017

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за проширување на истрагата за уште 3 лица за сторено кривично дело Убиство во обид сторено во соизвршителство, од чл.123 во врска со чл. 19 и во врска со чл.22 од Кривичниот законик. Осомничените беа вчера препознаени со помош на граѓаните по објавување на нивните фотографии.

Ценејќи дека се исполнети околностите предвидени во законот, надлежниот јавен обвинител до судија на предходна постапка во Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Предлог за определување на мерка Притвор за осомничените лица.

Дополнување: Одлучувајќи по предлогот на надлежен јавен обвинител, судија на претходна постапка определи мерка притвор во траење од 30 дена за трите осомничени лица. Освен ова, притвор во траење од 30 дена беше определен и за петтото лице кое беше претходно лишено од слобода за истиот настан и за кое одлуката на Судот беше одложена заради влошена здравствена состојба на осомничениот.

64 total views, no views today

Определен притвор за четворица од приведените за нападот врз Зијадин Села

Скопје, 18 Октомври 2017

По предлог на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, судија на претходна постапка определи мерка Притвор во траење од 30 дена за четири лица кои се под истрага за сторено кривично дело Убиство во обид сторено во соизвршителство, од чл.123 во врска со чл. 19 и во врска со чл.22 од Кривичниот законик.

За петтото лице за кое обвинителството исто така предложи определување на мерка Притвор, поради влошена здравствена состојба судот дополнително ќе одлучи.

Постапката што се води против овие лица се однесува на настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април и нападот врз Зијадин Села.​

61 total views, 1 views today

Утврден е идентитетот на лицата чии фотографии беа објавени

Скопје, 17 Октомври 2017

Јавното обвинителство на Република Македонија изразува благодарност до сите совесни граѓани со чија помош е утврден идентитетот на лицата чии фотографии беа објавени. По наредба на јавното обвинителство, трите лица се лишени од слобода.

Станува збор за лица кои се инволвирани во кривично правниот настан во Собранието на Република Македонија. Фотографиите и повикот до граѓаните за нивно препознавање беа објавени согласно член 277 од Законот за кривична постапка,  по претходно дадено одобрение од Основното јавно обвинителство Скопје и  во соработка со Министерството за внатрешни работи.

55 total views, no views today

Page 1 of 4912345...102030...Last »